За серијата

„Зоки Поки“ е ТВ-серија според истоимената книга за деца на писателката Оливера Николова, првично објавена во 1963 година од страна на „Детска радост“, по што следувале голем број изданија. Повеќе од половина век книгата била задолжителна лектира за учениците во македонските основни училишта. Преведена е на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.

Режисерот Александар Поповски и продуцентот Роберт Насков се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки“ не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу различни генерации, туку и поради недостаток на домашна ТВ програма за деца. Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време.

„Зоки Поки“ е прв заеднички проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов“ во 2013 година. Последен ТВ проект на Насков и „Кино Око“ е ТВ-серијата „На терапија“, која е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца.

 

За Оливера Николова

 

Оливера Николова е родена во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија.

Пишува за деца и за возрасни.

Попознати дела за деца, меѓу дваесетината издадени, ѝ се: Зоки Поки, Земја во која не се стигнува, Пријателите Бон и Бона, Мојот звук, Девојките на Марко, Љубоболки, Шифри на каменот, Преминот не е осветлен, Светлосна година, и други.

Нејзини дела за возрасни се: книгите раскази: Ден за летување и Лева комора, комедијата Сребреното јаболко, романите: Тесна врата, Домашни задачи, Тромбот, Адамовото ребро, Вежби за Ибн Пајко, Куклите на Росица, Белиот чад, Куќичка, Пешаци по црни полиња, Песот со тажен поглед, како и книгата новелети за жени убијки, под наслов Кадифената покривка.

Ги добила наградите: трипати наградата на Струшките вечери и РТВ, двапати на Друштвото на писателите на Македонија, Рациновото признание, двапати наградата Роман на годината, југословенската награда „Младо поколење“, номинацијата за наградата „Балканика“ и Змаевата награда за посебни постигања во современиот израз на литературата за млади.